Unlock goce.mk podcast Email contact info,
Listeners & Audience details
Email contact information
Direct podcast contact details

Listeners
Audience numbers & engagement insights

Audience details
Podcast Insights

Podcast episodes
Check latest episodes from goce.mk podcast
Мојот Став: Образование без редослед
2026/04/27
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Понекогаш навистина доаѓа момент кога човек се прашува дали живееме во некаква симулација, или едноставно сме земја што упорно се убедува дека е „на чекор до Европа“, додека реалноста ни се распаѓа во мали, секојдневни апсурди што веќе никого не изненадуваат.
Изминатава недела дознавме дека во Македонија можеш да се запишеш на магистерски или докторски студии и без да ги исполнуваш сите услови.Самата информација звучи како нешто што би требало да биде невозможно во систем кој функционира барем на основно ниво, но кај нас, очигледно, е сосема возможно.
Во секој нормален редослед, постојат чекори што не можеш да ги прескокнеш. На пример, не можеш да бидеш возрасен ако претходно не си бил дете, освен ако, се разбира, некој не одлучи дека редоследот е само препорака.
И токму тоа се случува кај нас. Додека некој се обидува да игра според правила што мисли дека важат, друг веќе платил за да ги заобиколи. Некој запишал студии, слушал предавања, полагал испити со уверување дека оди напред, за подоцна да дознае дека целиот тој напредок бил илузија, и тоа не поради негова грешка, туку затоа што некој друг одлучил да не си ја работи работата.
Факултетот реагираше и ги поништи запишувањата, што формално, тоа изгледа како решение, но суштински, тоа е само потврда дека системот функционира наопаку: прво се прави грешката, па потоа се проверува дали воопшто требало да се направи. Мислам дека ние сме доказ дека правилата се тука за да не се почитуваат.
И тука приказната престанува да биде за неколку студенти. Станува приказна за систем што дозволува вакви ситуации да се третираат како административен пропуст, а не како нешто што директно уништува нечии години, труд и пари.
Она што, сепак, најмногу загрижува не е самата ситуација, туку отсуството на вистинска реакција на неа, бидејќи наместо изненадување или сериозна јавна дебата, добиваме само кратко негодување што брзо се губи, како ова да е нешто што веќе сме го прифатиле како дел од правилата на игра.
Проблемот не е само во тоа што се случило, туку во тоа што ваквите ситуации поминуваат без вистинска последица за оние што ги дозволиле, додека товарот целосно паѓа врз оние што верувале дека правилата имаат некакво значење.
Оттука, прашањето повеќе не е како дошло до ова, туку зошто воопшто продолжуваме да се однесуваме како да постои систем што нè штити од вакви апсурди, кога искуството постојано ни го покажува спротивното.
Ако образованието треба да биде темел, тогаш барем би требало да постои сигурност дека тој темел е проверен пред некој да почне да гради врз него, а не да се утврдува неговата стабилност дури откако конструкцијата веќе почнала да се распаѓа.
Мојот Став: Тешкотијата да се искаже сопствен став
2026/04/11
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Замислете ученик кој по години учење знае да одговори на прашање, но се двоуми кога треба да каже што мисли за нешто, навикнат да го бара точниот одговор и таму каде што се очекува став. Ова за жал, не е само личен впечаток, туку појава потврдена и со истражување на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, според кое најголем проблем за учениците е токму тешкотијата да изразат личен став.
Овој резултат, колку и да изгледа загрижувачки, тешко може да се смета за изненадување, бидејќи претставува логична последица на начинот на кој се организира наставниот процес, во кој ученикот уште од најрана возраст постепено учи дека најсигурниот пат до добра оценка не е да размислува, туку да препознае што се очекува да каже, при што оваа стратегија со текот на времето се претвора во навика што го обликува неговиот однос кон знаењето.
Во таква поставеност, вредноста на знаењето се сведува на точноста на одговорот, односно на способноста да се репродуцира веќе утврденото, додека просторот за сопствено толкување формално постои, но суштински останува ограничен и недоволно развиен за да прерасне во вистинска вештина.
Ова станува особено видливо во секојдневната училишна пракса, каде што, на пример, на час по литература, наместо да се поттикне ученикот да ја аргументира сопствената интерпретација на текстот, тој брзо учи дека е поважно да ја препознае онаа која се смета за точна, со што постепено се гради образец на размислување во кој сигурноста се поврзува со усогласеноста, а отстапувањето со ризик.
Оттука, кога подоцна ќе се побара од ученикот да изнесе личен став, задачата веќе не делува како природен продолжеток на учењето, туку како нешто несигурно, бидејќи мислењето, особено кога се разликува од очекуваното, се доживува како потенцијално погрешно, па изборот да се остане во рамките на веќе понудените одговори станува форма на адаптација, а не показател на неспособност.
Иако во вакви ситуации често се посочуваат надворешни фактори како технологијата или социјалните мрежи, ваквите објаснувања остануваат недоволни доколку не се земе предвид дека навиката да се бара точен одговор наместо да се изгради сопствен став се формира токму во образовниот процес, каде што усогласеноста со очекуваното се наградува повеќе отколку обидот за оригинално размислување.
Оттука, наместо да се бара одговор кај учениците, поверојатно е дека проблемот треба да се бара во условите во кои тие учат да размислуваат, односно во средина во која отстапувањето од зададениот одговор ретко се толерира, а уште поретко се вреднува, поради што личниот став постепено се повлекува и станува несигурен.
Во таков контекст, повикувањето на критичкото размислување како клучна цел на образованието звучи повеќе декларативно отколку реално, бидејќи тоа не произлегува од повторување на точни одговори, туку од простор во кој прашањето, сомнежот и интерпретацијата се прифатени како дел од процесот на учење, што значи дека, кога таков простор изостанува, резултатите од ваквите истражувања не се изненадување, туку очекуван исход од систем кој ги насочува учениците кон тоа да го препознаат она што веќе е кажано, наместо да формулираат нешто свое.
Мојот Став: "Феноменот" на крадење во Македонија
2026/03/31
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Крадење во Македонија не е нешто ново, ама сепак е феномен.Од толку академски граѓани, доктори на науки, магистри, среќни бракови, воспитани деца, чудно е како сме дошле до состојба да си дозволиме да се краде од роденденска забава на мајмунче од зоолошка.
Можеби обичниот народ си добил инспирација од митото и корупцијата кои се спроведуваат над жителите на Македонија, и притоа се третирани како мајмуни, па токму затоа, некои поединци решиле да почнат да крадат од вистински мајмуни.
И баш кога ќе помислиме дека сме го допреле дното, некој ќе земе лопата, за секој случај, да провери дали има уште подолу и ќе сфатиме дека кај нас дното не е фиксна категорија, туку подвижна. Секогаш има уште еден кат подолу.
Не е проблемот што некој украл. Тоа веќе не е ни вест. Вест би било некој да врати нешто. Да најде паричник и да го врати без да се слика за на Фејсбук, е тоа веќе би бил наслов.
Ама ние сме си практични луѓе. Ако може да се земе, ќе се земе. Ако не може, ќе се најде начин да може. И таман тука некаде, помеѓу „снаоѓање“ и „крадење“, сме ја изгубиле линијата. Или ја избришавме намерно, за да не нѐ боли кога ќе ја преминеме.
Сите знаеме некој што „малку“ краде. И сите знаеме некој што „многу“ краде. Разликата е само во тоа што за едните велиме „снаодлив е“, а за другите „лопов е“. Ама суштината е иста, само скалата е различна.
И најјако од сè е што пак ќе седнеме на кафе и ќе се жалиме како ништо не чини. Ќе ги пцуеме тие „горе“, како да не сме дел од истата приказна. Како да не почнува сè од истото место, од она малото „ајде бе, нема врска“.
На крај, мајмунот од зоолошка испаѓа најчесниот лик во приказнава. Барем тој не се преправа дека е нешто што не е. Не носи титули, не пишува статуси за морал и вредности, не се фали со дипломи додека со другата рака си полни џеб, а сепак остана без подароци.
А ние? Ние сме народ што се гордее со чесност ама во теорија. Во пракса, чесноста ни е како стар мебел: сите велат дека ја сакаат, ама ретко кој ја чува дома.
Можеби затоа и не е чудно што крадењето станало феномен. Не затоа што е ретко, туку затоа што станало нормално. А кога ненормалното ќе стане нормално, тогаш веќе не зборуваме за феномен, туку за навика.
И таман кога ќе се навикнеме на тоа, ќе сфатиме дека најголемата кражба не е ни паричникот, ни телефонот, ни бананите од мајмунот.
Најголемата кражба е што полека ни се украде чувството за срам.
Мојот Став: Ајде да се веселиме
2026/03/23
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Пред некој ден беше светски ден на среќата. Ден кога, барем според календарот, треба да бидеме среќни. Ако не сте, не грижете се, ќе ви објаснат дека проблемот е во вас.
Ајде да се веселиме.Да зборуваме за убави работи. На пример, колку е убаво кога цените растат, а платите континуирано стојат. Или колку е прекрасно чувството да чекаш ред, па да дознаеш дека треба уште еден документ, од некоја канцеларија што работи само од 10:15 до 10:45 и тоа само во понеделник. А, ако стигнеш до шалтер, честитки. Системот те препозна како "важен".Ама ајде да не се замараме со ситници. Кој има време за реалност кога имаме оптимизам? Среќата, нели, е избор. Избираш да не гледаш, избираш да не прашуваш, избираш да веруваш дека утре ќе биде подобро исто како вчера.Да се веселиме и кога младите си заминуваат, затоа што, ете, светот е отворен. Не дека бегаат, туку ‘бараат подобри можности’. Убаво звучи, нели? Малку поубав израз и веднаш тагата станува тренд.И кога ќе се врати некој, го прашуваме: „Како е таму?“Наместо да прашаме: „Зошто не остана овде?“Ајде да зборуваме за убави работи.За новите ветувања, старите изговори и вечната надеж дека „само уште малку“ треба да издржиме. Малку по малку, станавме народ што живее во „само уште малку“.Среќата, велат, е во малите нешта. Во кафето наутро, во разговорот со пријател, во сончев ден. И таман ќе поверуваш во тоа, ќе ти стигне сметка што те враќа во реалноста побрзо од било која надеж.И не е проблем што сметката е висока.Проблем е што веќе не те ни изненадува.Но не, не смееме да бидеме цинични. Тоа не е убаво. Треба да се смееме, да споделуваме позитивни мисли, да ставаме филтри на животот, исто како на слика. Малку светлина, малку контраст, и одеднаш сè изгледа подобро.Ајде да се веселиме.Не затоа што навистина имаме причина, туку затоа што така е полесно. Полесно е да се насмевнеш отколку да поставиш прашање. Полесно е да кажеш „ќе биде“ отколку „зошто не е“.И можеби, во целата таа иронија, има една вистина: луѓето навистина сакаат да бидат среќни. Само што среќата не доаѓа од тоа да не зборуваме за проблемите, туку од тоа да почнеме да ги решаваме.До тогаш, ајде да се веселиме.
Мојот Став: Осми март со црна лента
2026/03/07
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Годинава Осми март нека биде со црна лента.По сè што се случува, лицемерно е да зборуваме за почит кон жената додека реалноста стои пред нас.
Зад честитките и букетите има приказни што не завршуваат со насмевка. Има домови во кои празникот не носи радост, туку тишина. Има мајки што палат свеќи за ќерките што требало денес да ги прегрнат.
Низата трагедии што им се случуваат на жените поради семејно насилство открива сурова вистина: општеството реагира дури кога веќе е предоцна.
Семејното насилство не е „семејна работа“. Тоа е страв што живее во сопствениот дом. Страв што се крие зад затворени врати и премногу често останува невидлив за сите други.
Колку жени молчеле со години? А кога конечно проговориле, колку институции навистина слушнале?
Реакцијата најчесто доаѓа предоцна, кога животот веќе е изгубен, а насловите стануваат сензација. Потоа следуваат соопштенија, жалење и ветувања за истраги. Зборови и само зборови.
Последниве години жените сè почесто стануваат бројки, иако се нечии ќерки, мајки и сестри, нечии светови.
И токму затоа Осми март за многумина не е ден за славење. Тешко е да подариш букет кога знаеш дека некаде некоја жена вечерва ќе заспие со страв од чекорите зад вратата.
Празникот станува парадокс. Додека едни наздравуваат по ресторани, други се борат со трауми. Додека говорите се полни со фрази за рамноправност, реалноста покажува дека најопасното место за една жена понекогаш е сопствениот дом.
Затоа можеби годинава, наместо само ружи, треба да носиме и црна лента како знак на жал, солидарност и протест против рамнодушноста.
Вистинската почит кон жената не се покажува со подарок што ќе овене за два дена. Таа се покажува со систем што нема да дозволи ниту една жена да живее во страв.
Осми март треба да биде ден кога жените се чувствуваат безбедни, а не само прославени. Во спротивно, ружите се само украс врз една болна вистина.
А ниту еден празник нема вистинска смисла ако зад него стои страв.
Мојот Став: Колку чини еден редок живот?
2026/02/28
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Постојат болести што медицината ги нарекува „ретки“. Зборот звучи речиси невино, како нешто што се случува далеку, на маргините на статистиката. Но реткоста е само медицински термин, а човечкото чекање никогаш не е ретко. Да чекаш терапија, да броиш денови наместо иднини, да живееш меѓу надежта и тишината на институциите, тоа е искуство што премногу семејства го познаваат.
Ретката болест, на хартија, значи мал број пациенти. Во реалноста, таа значи долга потрага по име за сопствената болка, врати што се отвораат бавно и живот што неочекувано станува зависен од табели, процедури и потписи. Така медицината, која треба да биде наука за спасување, понекогаш се претвора во дом на чекањето.Постоиме во време на чуда што науката ги создава речиси секојдневно. Она што вчера било пресуда, денес е дијагноза со надеж. Болести што некогаш значеле неизбежен крај денес имаат терапија. Но напредокот е чудна работа: тој постои само таму каде што навреме пристигнува. Кога доцни, и чудото ја губи својата смисла.
Мојот Став: Митот наречен социјална правда
2026/02/20
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Постои еден збор што во Македонија се употребува почесто од „добар ден“, а се разбира поретко од тишината што следи по него. Тој збор е: “социјална правда”.Го слушаме во говори, го читаме во програми, го гледаме во предизборни плакати како ветување што секогаш доаѓа утре. А утрето, како што знаеме, е најдолгиот ден во македонската историја: никогаш не пристигнува.
Социјалната правда, барем во својата суштина, не е идеологија. Таа е морална интуиција. Децата инстинктивно знаат што е неправда кога едно од нив добива две чоколади, а друго ниедно. Но возрасните, за чудо, стануваат филозофи токму кога треба да ја видат очигледната нерамнотежа.Во нашето општество, правдата често се меша со еднаквоста. Ама тие не се исто. Еднаквоста вели: сите стојат на иста линија. Правдата прашува: кој стигнал до линијата бос, а кој со автомобил? Кој растел во дом каде што книгата била секојдневие, а кој во дом каде што сметките биле поважни од образованието? Кој конкурира со диплома, а кој со „препорака“?
Да, според Уставот, Македонија е социјална држава. Тоа е убаво напишана реченица која би можела да стои и во поетска збирка. Но, државите не се мерат според убавината на речениците, туку според тоа колку луѓе можат да живеат достоинствено без да бараат врски, милост или билет во еден правец.Кога млад човек со просек што заслужува почит, чека конкурс што со месеци не се распишува, додека работното место веќе има „неофицијален“ сопственик и кога медицински преглед се забрзува со телефонски повик, а не со медицинска итност, тогаш социјалната држава станува писание на хартија.
Нашиот најголем парадокс е што сите зборуваме за правда, но ретко за достоинство. А без достоинство, социјалната правда станува обичен лист, формулар, печат или редови пред шалтери каде што човекот постепено се претвора во број. Кога човек со години работи и сепак живее од плата до плата, а цените растат побрзо од платата, тогаш неправдата не е филозофски поим, туку начин на преживување.
Нееднаквоста кај нас не е само економска: таа е и психолошка. Едни веруваат дека иднината им припаѓа, други дека мораат да ја напуштат за да ја најдат. Кога млад човек повеќе верува во билет во еден правец отколку во сопствената диплома, тогаш проблемот не е само економски, туку цивилизациски. Тоа е моментот кога државата не губи само работна сила, туку самодоверба.
Социјалната правда не се создава со милостина, туку со систем што не бара херои за да функционира нормално. Општеството не треба да преживува благодарение на добри луѓе, туку благодарение на добри правила. Правила што важат подеднакво за оној со функција и за оној без врски, за оној со моќ и за оној со молба.
И можеби тука е поентата: правдата не почнува во парламентот, туку во свеста дека другиот човек не е пречка, туку мерка за нашата човечност.Зашто држава без социјална правда е како книга со прекрасна корица и празни страници. Однадвор ветува смисла, а одвнатре одекнува празнина.
Во основа, дилемата не е дали Македонија има социјална правда. Дилемата е: дали сме подготвени да ја препознаеме кога ќе бара од нас нешто повеќе од зборови.И можеби токму тогаш, кога ќе престанеме да ја изговараме, а ќе почнеме да ја живееме, таа конечно ќе престане да биде тема за дискусии.
Мојот Став: Колку е “високо” високото образование во Македонија?
2026/02/16
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Во Македонија високото образование последниве денови се мери. Се мери со нов закон, со нови бодови, со нови критериуми, со нови табели. Се мери толку многу што човек би помислил дека конечно сме ја нашле формулата за квалитет.Само што никој не знае каде е метарот.
Колку сантиметри тежи еден професор?Колку милиметри вреди еден труд?Колку килограми има импакт-факторот?
Ако ги читате документите, ќе помислите дека знаењето е нешто што се става на вага:шест или седум трудови, одреден број бодови, индексираност, реизбор на секои седум години.Формула плус формула плус формула – и ете ти квалитет.
Арно ама, Универзитетот не е фабрика за шајки.
Да, има професори кои што со години се кријат зад стара слава и пожолтени скрипти.Да, системот мора да се чисти од инерција и мрзеливост.
Но, ако единствената мерка за академска вредност стане бројот на PDF-фајлови прикачени во некоја база, тогаш ќе произведеме шампиони во објавување – и аматери во предавање.
И тука е суштината.
Може професор да има десет трудови во меѓународни списанија, а на предавање да звучи како да чита упатство за бела техника.Може да има блескаво CV, а ниту еден студент да не му запамети реченица.
А може и обратното, некој со помалку бодови да разбуди интерес и љубопитност кај генерации.
Кој систем го мери тоа?
Новиот закон сака да донесе ред. Редот е добар, ред ни треба.Но ред без љубов и желба станува администрација.А, администрацијата знае да прави табели, но, не и инспирација.
Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата
Прашувајте се едно: што всушност сакаме да измериме?>Ако сакаме рангирање, ќе добиеме рангирање.>Ако сакаме извештаи, ќе добиеме извештаи.>Ако сакаме европски стандарди на хартија, ќе ги добиеме.
Но, ако сакаме млади луѓе што знаат да мислат, да сомневаат, да создаваат…тоа не се мери со шублер.
Високо е затоа што те тера да погледнеш повисоко од себе, да размислуваш подлабоко од насловот, да поставуваш прашања што никој не сака да ги чуе.
Во моментов изгледа како да сме решиле да ја измериме висината на планината според дебелината на папката во архивата.
Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата
Реформата можеби ќе донесе квалитет. Можеби ќе исфрли инертност. Можеби ќе создаде конкуренција.
Но, ако внимаваме само на бројките, ќе почнеме да произведуваме научници што пишуваат за да преживеат – наместо професори што предаваат за да создадат.
А знаењето?Тоа и понатаму нема да има мерна единица.
И можеби е добро што е така.Зашто ако некогаш почнеме да го мериме во сантиметри, ќе значи дека сме го намалиле.
Мојот Став: Што точно извезуваме од Македонија?
2026/02/06
Со години зборуваме за „одлив на мозоци“ и веќе ни стана излитена фраза.Ја користиме механички, како временска прогноза: младите си одат, државата старее, сите ги свиваме рамениците и продолжуваме понатаму. Како да е природна појава, а не политички и институционален пораз.А потоа, одеднаш, во вести читаме дека “од Северна Македонија со години биле испраќани вистински човечки мозоци во странство, за научни истражувања”. Буквално. И тука, за првпат, метафората престанува да биде метафора.Оваа приказна сама по себе не мора да биде скандал. Научната соработка, донацијата на биолошки материјал, истражувањето на тешки психијатриски и невролошки состојби-сето тоа постои насекаде во светот. Проблемот не е во науката. Проблемот е во контекстот и во државата што не умеe да објасни ништо без прво да биде притисната од медиуми, јавност или случајност.
Затоа и реакцијата беше толку бурна. Не затоа што некој открил дека постои наука, туку затоа што луѓето сфатија дека нешто суштинско се случувало, а тие немале поим. Истата таа држава што не може да задржи млад лекар, инженер или научник, испраќала мозоци на починати лица во странски лаборатории, без притоа да развие сопствен капацитет, институционална меморија или јавна дебата за тоа.
Во таа смисла, врската со аферата околу Jeffrey Epstein не е толку во самиот човек, колку во системот што го олицетворува. Мрежи на моќ, пари и елитна наука што функционираат далеку од очите на јавноста, со минимална одговорност кон „малите“ држави што учествуваат во нив.
Кога едно такво име ќе се појави во документи, нормално е луѓето да се запрашаат: “дали ние навистина знаевме во што сме вклучени или само сме биле тивок добавувач?”
И тука двете приказни, одливот на млади луѓе и испраќањето човечки мозоци, се спојуваат во една непријатна вистина.
Македонија премногу често е извор, а премалку субјект.
Даваме луѓе, даваме материјал, даваме потенцијал, а за возврат добиваме празни болници, факултети без кадар и чувство дека сè важно се случува некаде на друго место.
Младиот човек што заминува во странство не го прави тоа од омраза кон државата, туку од замор. Од истото чувство од кое заморени институции прифаќаат улога на нем набљудувач, наместо активен партнер. Во двата случаи, резултатот е ист: празнина.
Највознемирувачко во целата приказна не е дали нешто било легално или не. Тоа ќе го утврдат институциите, ако навистина си ја завршат работата. Вознемирувачко е што никој не чувствувал потреба да ѝ објасни на јавноста што точно се прави, зошто се прави и што добива државата од тоа. Како да се подразбира дека не треба да прашуваме.
А можеби токму тука е суштината на проблемот. Од Македонија заминуваат младите со надеж дека некаде ќе бидат ценети. А заминуваат и мозоците на починатите, тивко и административно, како уште една пратка. Заедничкo е што во двата случаи државата не покажува дека знае што губи или дека ја интересира.
И додека не почнеме да си ги поставуваме тие прашања гласно, ќе продолжиме да извезуваме сè што вреди, а да се чудиме зошто дома останува празно.
Мојот Став: Чекајќи поголема плата
2026/01/30
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Во средата поминував низ центарот на Скопје и налетав на протест.Свирчиња, транспаренти и луѓе што бараат повисоки плати. Застанав неколку минути ама повеќе од љубопитност отколку од намера да се приклучам.Гледајќи наоколу, во еден момент си помислив: каде се младите?
Не дека ги немаше воопшто, само ги немаше доволно. А баш ние треба најмногу да се нервираме околу платите.После тоа им пишав на неколку другари.Еден работи по осум часа за плата која што исчезнува некаде на средина од месецот. Кога го прашав дали би останал тука долгорочно, ми врати кратко: „За оваа плата секако дека не.“
Друга другарка ми рече нешто што ми остана во глава:„Не очекувам да се збогатам, само сакам да можам да си ја платам киријата на време, без страв.“
Имам и пријател што заработува сосема пристојно за наши услови, а пак учи германски. Не брза да си оди, ама сака да има избор.„Полесно се дише кога знаеш дека не си заглавен.“-ми рече.
И тука некаде сфатив дека можеби младите не протестираат затоа што не веруваат дека нешто ќе се смени доволно брзо.Постарите се борат за повисоки плати, младите се борат за можност да заминат. И тоа не е иста борба.
Нашите родители бараа сигурна работа. Ние бараме сигурен живот. А разликата меѓу тие две работи е поголема отколку што сакаме да си признаеме.
Често слушаме дека младите се пасивни, дека не ги интересира што се случува околу нив. Искрено, не мислам дека станува збор за апатија, туку повеќе е до “математиката”.Кога ќе ги собереш киријата, сметките, храната и превозот, математиката станува брутално јасна.И тогаш протестот почнува да изгледа како долга и неизвесна битка, а авионскиот билет како пократок пат до нормален живот.
Најтажното е што многумина не сакаат да си одат, само не сакаат постојано да се откажуваат од патувања, од самостојност, од планови, од иднината што ја замислувале.
Колку треба да изнесува платата за еден млад човек да престане да размислува за заминување? Не знам точна бројка. Но знам дека не е доволна плата од која мораш да го „крпиш“ животот наместо да го живееш.
Затоа прашањето одамна не е само економско. Станува лично.Што вреди ако платите пораснат за неколку години ако дотогаш половина генерација веќе ја нема?
Можеби најгласниот аларм не се свирчињата на протестите, туку тишината на автобусите и авионите што заминуваат во еден правец.И можеби е време да престанеме да се прашуваме зошто младите си одат, и конечно да почнеме да се прашуваме што би ги натерало да останат.
Мојот Став: Загадувањето како изговор
2025/12/26
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Загадувањето во Македонија одамна не е проблем. Тоа е алиби. Со години ни служи како совршено оправдување: зошто институциите не функционираат, зошто здравството е преоптоварено, зошто сме уморни, нервозни и без енергија, зошто секојдневието ни изгледа потешко отколку што треба да биде.
„Не е до нас, до воздухот е.“И навистина-до воздухот е. Ама не само до него.Воздухот е загаден, но уште позагадена е логиката со која го користиме како изговор.
Загадувањето стана удобна магла зад која сите се кријат, доволно густа за да ја замагли одговорноста, доволно долготрајна за да престане да предизвикува револт.
Политиката се крие зад оправдувањето дека „е комплексно“ и дека бара време, стратегии и трпение.Општините се кријат зад тврдењето дека „граѓаните се виновни“, како да немаат надлежности, моќ и обврска да делуваат.Граѓаните се кријат зад убедувањето дека „ништо не зависи од нив“, па неучеството станува најлесната форма на учество.
Сите сме во право. Сите имаме причина. И токму затоа ништо не се менува.Загадувањето стана совршен систем без виновници. А кога нема виновници, нема ни притисок. Кога нема притисок, нема ни промена.
Најопасната честичка во македонскиот воздух не е PM2.5. Туку чувството дека ова е максимумот што можеме.Дека подобро од ова не постои. Дека секое барање за нормалност е претерување. Дека живот со достоинство е амбиција, а не основно право.Кога ќе прифатиш дека е нормално да не се дише, лесно прифаќаш и дека:– е нормално да се чека со години за правда,– е нормално системите да доцнат,– е нормално младите да си одат,– е нормално државата да не ти должи ништо,а ти да ѝ должиш трпение, лојалност и молк.
Загадувањето не нè гуши само физички. Нè тренира психолошки. Нè навикнува да имаме ниски очекувања.Да не се лутиме премногу. Да не прашуваме премногу. Да не бараме премногу.
И тука е вистинската катастрофа.Зашто кога ќе се навикнеш на лош воздух, се навикнуваш и на лоша држава.На нефункционални институции. На постојано „утре“. На живот во кој минимумот се претставува како луксуз.А чистиот воздух не е луксуз. Не е политичка програма. Не е европски сон.Тоа е минимум.И држава што не може да го обезбеди минимумот, многу тешко ќе убеди некого да остане за „подобра иднина“. Особено кога таа иднина постојано се најавува, се одложува и никогаш целосно не пристигнува.
Загадувањето, на крајот, не е само во воздухот. Туку во прифаќањето дека вака мора да биде. А додека тоа прифаќање трае, маглата ќе остане и над градовите, и во главите.
Мојот Став: Продадена слобода со вкус на ментол
2025/12/19
Јас сум Даница, а ова е мојот став: Никој од младите денес не почнува да пуши затоа што сака да мириса на чад.Почнува затоа што некој многу паметно му продал приказна: дека ова е избор, стил, контрола. Дека не е како „старите цигари“. Дека е почисто, попаметно, поново. Со вкус на ментол. Или боровинкаИ едно браво за тој некој. Успеал да направи „нов“ генерациски бизнис.Никотинот никогаш не бил поубаво спакуван, поубаво именуван и поубаво прилагоден за да изгледа како нешто што ти го избираш, а не нешто што те бира тебе.Електронските цигари не се проширија затоа што младите одеднаш се заинтересираа за здравјето.Се проширија затоа што некој сфати дека ако им го смениш обликот, бојата и мирисот, можеш да им ја смениш и репутацијата.И успеа. Денес не гледаш „пушачи“. Гледаш луѓе кои што „користат само уред“.Не гледаш зависност. Гледаш уред.Не гледаш проблем. Гледаш вкус. И сите ја повторуваат истата реченица:„Јас контролирам.“ Тоа е најдобриот продаван слоган што никотинот некогаш го имал. Ајде да бидеме искрени:ако навистина контролираш, зошто ти треба на секои два часа?Зошто ти смета кога ќе го заборавиш?Зошто првата работа по кафето е вкусот на ментол во облик на чад? Младите се првата генерација која расте во свет каде секоја навика е оптимизирана да стане зависност... од скролање, до никотин.Сè е дизајнирано да изгледа како избор, а да функционира како потреба. И тука државата влегува погрешно.Со забрани што доаѓаат доцна, со казни што звучат како закана, а не како грижа.Никој не објаснува зошто. Само се повторува: „не смее“. И кога на млад човек ќе му кажеш „не смее“, автоматски ќе си помисли дека му земаш нешто.А всушност, некој друг веќе му го има земено вниманието, здравјето и парите. И за жал, ова е борба против приказната дека зависноста е слобода ако е доволно убаво спакувана. Никој не вели дека сите мора веднаш да престанат.Ама време е барем да престанеме да се лажеме. Ако нешто мора да се препакува, заслади и продава како слобода,тогаш не е создадено за твое задоволство, туку за туѓ профит. Слободата не доаѓа со вкус.И не свети.И не бара полнач. Зашто ако ова навистина беше твој избор,немаше толку многу пари да се трошат за да те убедат дека ти бираш.
2:0 службено за Мозочниот Одлив: Македонија игра одбрана без играчи
2025/12/12
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Понекогаш имам чувство како Македонија да игра фудбалски натпревар со самата себе, и пак да губи.2:0-службено за Мозочниот Одлив.
Не е дека младите не ја сакаат земјата.Напротив. Ја сакаат премногу за да останат во брак со систем што ги малтретира.Па си заминуваат.
И секој што се качува на автобус за Германија ја има истата мисла:„А бе, можеби оваа земја не е глупава… ама сигурно мисли дека ние сме глупави.“
Иронично е тоа што Македонија не е со ниско IQ, таа само така изгледа кога најпаметните бегаат.
Знаете што се случува со клас кога најдобрите ученици се префрлуваат во друго училиште?Остануваат само тие кои се обидуваат да преживеат меѓу хаосот, и професорот што вели:„А бе деца, учете, ќе ви треба во животот.“
Да, ќе ни треба, ама очигледно во друг живот, во друга земја.
Младите не бегаат затоа што им е тешко.Бегаат затоа што сфатиле дека овде е нереално тешко без реална причина.Систем што ја наградува послушноста, а го казнува талентот, е систем што буквално сам си го пакува IQ-то во куфер.
Иронија број 2 е, што, Македонија не прави ништо да ги задржи талентите, но, се шокира кога ќе си заминат.
Секој студент кој дипломира е потенцијален емигрант.Секој млад доктор, ИТ-ец, инженер, дизајнер, е билет за извоз.
И додека државата стои со добро познатиот зачуден израз;„Ама зошто заминуваат младите?“Младите одговараат:„Епа… затоа што не сакавме повеќе да не’ водат неспособните.“
Државата сака таленти?Одлично.Да почне со нешто едноставно, како на пример да почне да ги третира како таленти.
И на крај, никој не се ни враќа назад.
Ова е најстрашното.Не е проблем што луѓето заминуваат, светот е отворен за сите.Проблем е што не гледаат причина да се вратат.
Штом еднаш ќе ја почувствуваат разликата меѓу „работа со плата“ и „работа со плата + достоинство“, играта е готова.
И за жал, нам ни останува празна трибина.Тим без одбрана.Земја што си дозволува да биде шампион само во извоз на мозоци.
И еве ја најболна реченица:Македонија не останува без интелигенција затоа што е глупава земја.Останува без интелигенција затоа што ја пропушта онаа што ја има.
И затоа е 2:0 службено за одливот на мозоци. А, ако продолжиме со ова темпо, ќе биде и 3:0, 4:0, се додека не се угасне светлото...
Младите не бараат чудо.Бараат нормалност.Плата што не испарува.Систем што функционира.Шанса да успеат без партиска книшка.
А додека тоа го нема, мозочниот одлив ќе ја игра најдобрата игра во историјата.
Мојот Став: Што ни вреди град под надзор, ако државата останува надвор од контрола?
2025/12/05
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Кога државата се пофали со проектот „Безбеден град“, многумина реагираа како да сме направиле цивилизациски скок.Камерите, велат, ќе нè научеле дека црвеното светло не е украс, дека тротоарот не е паркинг, и дека улицата не е Монца во квалификации.Добро е тоа. Конечно нешто што ветува ред на терен.
Но веднаш се појави прашањето што никоја камера не го снима: што правиме со остатокот од државата, онаа без објектив, каде што вистинските опасности се одвиваат секој ден, без да одминеш семафор? Да почнеме од институциите.Влегуваш внатре и те пречекува хаос што кажува сè: овде времето тече по друг календар. Не функционален систем, туку лавиринт со приемно одделение. И што е најстрашно, сите се навикнати. Тоа е најопасната небезбедност: кога распадот станува навика, а навиката-систем.
Тендерите се посебна дисциплина. Нема камера што може да сними како милионски проекти завршуваат кај фирми што имаат повеќе лозинки отколку реализирани проекти.Тоа е таа интелектуална навреда. Камерата ќе ти пише казна за 60 километри на час, ама за тендер кој е јавна финансиска акробатика, никој не пушта снимка. А правдата? Таа тече поспоро од секој административен процес што го исмејуваме. Случаи исчезнуваат во судски фиоки како детски бајки, само што последиците се реални трагедии. Жртвите чекаат. Виновниците учат важна лекција: во оваа држава, времето е најплатениот адвокат. Урбанизмот е хаос на отворено. Градови што изгледаат како да ги планирал некој со затворени очи и коцка во рака, каде ќе падне коцката-ќе изградиме зграда.Пешаците не веруваат дека имаат предност. Велосипедистите влегуваат во секојдневна мисија за преживување. Возачите се снаоѓаат според лична философија. Камерата може да санкционира возач, ама не и децении градска неукост. Политиката само го цементира впечатокот дека државата е небезбедна.Ветувања што траат пократко од прес-конференција. Реформи што се јавуваат секои избори и исчезнуваат веднаш по нив. Институции што се менуваат со секој ветер, не градат доверба туку политички сезонски работници од кои никој ништо не очекува. И тука е суштината: „Безбеден град“ можеби ќе го среди сообраќајот.Но безбедна држава не се гради со камери. Не е проект, не е софтвер и не е надзор. Тоа е систем во кој институциите работат, правдата функционира, јавниот простор има логика, а политиката има последици. Тоа е држава во која безбедноста не доаѓа од страв од казна, туку од доверба дека некој навистина си ја работи работата. Дотогаш, камерите ќе ни покажуваат дека возиме пребрзо.Но нема камера што ќе сними држава што тапка во место, додека ние гледаме напред, а системот се движи наназад.
Мојот Став: Кој и како ќе ја изведе гимназиската реформа?
2025/11/28
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Најавената гимназиска реформа со две заеднички години и потоа префрлање во математичка или општествена насока, звучи како чекор напред, барем на хартија.МОН ја промовира како свеж концепт, но вистинското прашање е: дали конечно ќе се направи реформа што функционира, или повторно ќе добиеме уште една добро спакувана празна кутија?
Две заеднички години имаат смисла. На 14 години ретко кој знае што сака да прави во животот, а различните основни училишта произведуваат различни нивоа на знаење. Подоцнежното префрлање може да израмни дел од тие разлики и да спречи насочување на учениците во погрешна насока.Многу европски држави одамна го применуваат овој систем. Не дека ова е македонска иновација, напротив.
Но, да не се лажеме: реформата пропаѓа или успева не поради структурата, туку поради тоа што стои зад неа.
Првиот проблем е загрижувачки: недостиг од наставници по природните науки и дел од јазиците. Ако нема кадар, профилирањето ќе биде карикатура, затоа што некои гимназии ќе нудат реални програми, други ќе глумат дека ги имаат.
Вториот проблем е уште постар: програми и учебници што заостануваат зад времето. Организацијата за економска соработка и развој, одамна ни кажува дека учениците завршуваат средно без функционална писменост. Не поради децата, туку поради систем кој не се обновува. Без современи наставни материјали, новиот концепт е само нов распоред на стариот хаос.
Третиот проблем е најнепријатен: огромниот јаз меѓу урбаните и не толку развиени средини. Додека дел од гимназиите имаат лаборатории и дигитална опрема, други работат во услови што би биле срам и за деведесеттите.Ако реформата не биде проследена со финансиски инвестиции, таа ќе произведе подлабоки нееднаквости отколку што постојат денес.
Сериозна реформа мора да има мерливи цели: резултати на матура, успешна транзиција кон факултет, развиени компетенции, критичко размислување.Ако државата не мери ништо, тогаш и не знае ништо. И за жал, така реформите остануваат само експеримент врз цели генерации.
Нацрт-концепцијата може да биде вистински напредок. Но, само ако носи со себе три нешта: квалитетен кадар, модерна содржина и еднакви услови во сите региони. Без тоа, ќе добиеме уште едно убаво напишано решение кое ќе го читаат само реформските комисии.
Ако, пак, реформата конечно се направи паметно и доследно, Македонија може да го направи најголемиот чекор во средното образование по три децении тапкање во место. Време е системот да покаже дека може да се движи напред, а не само да расправа дека „сака“ да се движи.
Podcast sponsorship advertising
Start advertising on goce.mk relevant audience podcasts
You may also like to advertise on these Podcasts

4.7368451296
Louder with Crowder
Louder with Crowder

4.861521128
The David Pakman Show
David Pakman

4.813272012
The Jeff Cameron Show ~ Warchant.com
Jeff Cameron Show

4.810951799
Warchant Podcasts featuring Seminole Headlines
Warchant.com

4.814621658
The Big Honker Podcast
Andy Shaver & Jeff Stanfield

4.8121201000
Mind Pump: Raw Fitness Truth
Sal Di Stefano, Adam Schafer, Justin Andrews, Doug Egge

4.6620012000
The Dan Bongino Show
Cumulus Podcast Network | Dan Bongino

4.682651314
The Daily Beast Podcast
The Daily Beast, Joanna Coles

4.6313941093
Wow in the World
Tinkercast

4.890671596
Fearless with Jason Whitlock
Blaze Podcast Network
